Факти за присилно враќање на бегалците

Од:

Дојче веле – Бон

Дали азилантите чие барање за азил е одбиено, треба веднаш присилно да се вратат од Германија или ќе се чека доброволно да ја напуштат земјата? Еве некои забелешки.

Што значи присилно враќање?

За присилно враќање или прогон зборуваме кога власта и полицијата, луѓе без германски пасош ги присилуваат да ја напуштат Германија. Барателите на азил чие барање е одбиено се информираат за тоа дека мора да ја напуштат земјата во рок од 30 дена и дека ќе бидат присилени на тоа ако земјата не ја напуштат доброволно. Барателите на азил од т.н. „безбедни земји на потекло‟ Германија мора да ја напуштат во рок од една недела.

Што се случува во тек на присилно враќање?

Често се известува за тоа дека полицијата луѓето ги буди во рани утрински часови и по кратко време оставено за пакување на работите, ги носи до аеродромите. Така се обезбедува тие луѓе да не ја избегнат таа обврска, како и во земјата на потеклото да стигнат рано со цел тамошните власти уште за време на нивното работно време, да можат да се завземат за повратниците.

Многу од тие присилни враќања се вршат со авионски летови. Ако станува збор за едно лице, а не за група, тогаш тоа лице се праќа со редовен лет. Кај повеќе лица, 50 или 150, тие се превезуваат со чартер лет до нивната татковина. Се почесто присилно враќање се организира и со помош на европската агенција за граници Фронтекс.

Кога доаѓа до забрана на присилно враќање?

Ако Сојузниот кабинет за миграција и бегалци (BAMF) го одбие барањето за азил, следи проверка дали за лицето кое го упатило барањето постои „значителна и конкретна опасност по животот и слободата‟ во неговата земја на потекло. Тоа, на пример, важи за некој кој е болен од некоја болест чија терапија во земјата на потекло не е можна или не може да се финансира, или пак ако има изгледи дека посебно децата ќе паднат во егзистенцијална криза.

Ако така дојде до забрана на присилно враќање, тоа лице добива дозвола за престој на година дена. Таа дозвола може повеќе пати да се продолжи. Меѓутоа, забраните за присилно враќање ретко се изречуваат. BAMF наведува дека кај 194.000 одлуки до април 2016 година забележани се само 1.000 случаи во кои е изречена забрана за спроведување на присилно враќање.

Која улога ја играат сојузните покраини во кои се сместени барателите на азил?

16 германски сојузни покраини и нивните кабинети за странци се задолжени за присилно враќање. По решението од BAMF институциите проверуваат дали присилно ќе ги вратат барателите на азил чии барања се одбиени или ќе им се додели т.н. „Duldung‟, т.е. ограничено останување во Германија. „Duldung‟ се доделува ако одредено лице од правни или практични причиин (се уште) не може присилно да се врати. Такви примери се: лица кои треба присилно да се вратат, но кои немаат патни исправи, ако земјата на потекло одбива да ги прифати повратниците, ако лицата се тешко заболени или се неспособни за патување. „Duldung‟ во тој случај може да се продолжи.

Покраините во кои на власт се социјалдемократите, како Северна Порајнја и Вестфалија или Рајнско-Фалачката, истакнуваат дека присилното враќање не е единствено средство и се залагаат за советување за доброволно враќање. Од друга страна, Баварија во која на власт е Христијанско-социјалната унија ЦСУ, потенцира дека многу доследно ги спроведува присилните враќања. Таа можност за доброволно враќање различно се користи во сојузните покраини. Анкетата која ја спроведе медиумската служба „Интеграција‟ покажува дека бројот на присилните враќања во Саск меѓу јануари и ноември 2015 година бил дупло поголем од бројот на доброволните враќања. Во Рајнско-Фалачката покраина, од друга страна, 90 отсто лица на кои им е одбиено барањето за азил, доброволно ја напуштиле Германија.

Колку луѓе Германија присилно вратила во изминатите години?

Од 2013 година се зголемил бројот на присилните враќања. Во 2014 година тој број изнесувал околу 11.000, во 2015 речиси 21.000. Оваа година до крајот на април присилно биле вратени над 9.000 лица.

Во кои земји се враќаат одбиените баратели на азил?

Тоа во изминатите години пред се биле балканските земји, како Србија, Македонија, Косово, Албанија и Босна и Херцеговина. Покраинските министри за внатрешни работи во 2012 година се договорија за тоа да се прекине присилното враќање за луѓе кои доаѓаат од Сирија која е погодена од војната. Тоа решение е продолжено до септември 2016 година.

Колку луѓе всушност треба да ја напуштат Германија?

Со такви бројки секогаш може да се создаде одредена атмосфера. Така во средината на 2015 година наведена е бројка од 540.000 баратели на азил чии барања се одбиени, а од кои многумина веќе подолго од 10 години живеат во Германија. Бидејќи, до моменталната обврска за напуштање на земјата се доаѓа само ако на тоа лице не се даде повеќе пати „Duldung‟. Кон средината на 2015 година само 51.000 лица биле „непосредно обврзани да ја напуштат земјата‟. За 2016 година Мин. за внатрешни работи на државно ниво навело дека се работи за слични бројки.

Каков е развојот на подрачјето на доброволните враќања?

Начелно може да се каже дека бројот на доброволните враќања, во чии рамки повратниците добиваат финансиска помош, секогаш бил поголем од бројот на присилните враќања. И во 2016 година, според информациите на Министертсвото за внатрешни работи, Германија доброволно ја напуштија над 20.000 лица.

Што велат од мониторингот на процесот за присилно враќање?

Германија во 2001 година на аеродромот во Дизелдорф како прва земја во Европската унија отвори независна канцеларија за надзор на присилните враќања. Денес таму седи Далија Хохне од хуманитарната организација „Diakonie Rheinland-Westfalen-Lippe‟, во која се контролира дали власта при присилните враќања ги почитуваат човековите права. И во Дизелдорф порасна бројот на присилните враќања, вели таа и додава дека многу од тие луѓе се очајни.

Тие кои долго време добивале „Duldung‟, наспроти навремените предупредувања за ненајавено доаѓање на полицијата, често се затекнати од состојбата, вели оваа социјална работничка: „Веќе сум видела луѓе кои тука стоеја во папучи, кои ги заборавиле очилата или лековите и кои немаа пари во џебот‟. Хохне поради тоа сака повеќе луѓе во својата канцеларија, како и повеќе права за набљудувачите на процесот на присилно враќање. 

Би можело да ве интересира

Русија: Евакуиравме над 30.000 луѓе од пограничните области со Украина

Месечната социјална помош на едно сириско семејство од 6.000 евра предизвикаа големи полемики во Австрија

Предраг Петровиќ

УНХЦР: 186.000 мигранти и бегалци пристигнаа во земјите од јужна Европа

Ердоган и Киличдароглу не сакаат Турција да е „магацин“ за сириските бегалци

Горан Наумовски

УНХЦР: Во 2022 година 100 милиони луѓе беа принудени да ги напуштат своите домови

Стотици сириски бегалци кои живееја во Либан се вратија во нивните домови

А1он