Еврокомесарот за миграција, Димитрис Аврамопулос, во интервју за Политика Европа најави дека неговата институција идната недела ќе објави нов план за спречување на илегалната миграција и зајакнување на надворешните граници на Европската Унија, јави дописничката на МИА од Брисел.
Планот кој треба да биде објавен содржи предлози за создавање “вистинска гранична полиција“ на ЕУ која ќе може да внесе ред во европската миграциска политика и да ги враќа назад оние мигранти кои немаат право на азил или меѓународна заштита, изјави Аврамопулос.
Европската Унија се соочува со криза без преседан поради миграциската политика, а сѐ поголем број земји членки бараат посилни надворешни граници, додека антимигрантското расположение расте.
ЕК не успеа да ги убеди земјите членки да се договорат за заедничка систем на распределба на бегалците и мигрантите кои пристигнуваат на европско тло, најчесто преку Медитеранот.
Аврамопулос во интервјуто најави дека ќе предложи европската гранична полиција да има повеќе надлежности во областа на “враќањата“ на мигрантите, односно да биде во можност да ги враќа назад оние кои не можат да претендираат на азил.
Планот ќе биде објавен следната недела, заедно со годишниот говот на претседателот на Европската Комисија, Жан Клод Јункер, за состојбата на ЕУ.
Европската Унија со месеци се обидува да изнајде заеднички прифатливо решение за миграциската криза кое ќе биде компромис помеѓу барањата за поголема заштита од илегалната миграција и почитување на меѓународните обврски и правото на азил. Миграцијата ќе биде клучна тема во изборната трка за Европскиот Парламент во 2019.