Вкупно 38 лица се уапсени во Франција, Романија и Молдавија за нивната наводна вмешаност во широка трговија со имигранти, соопшти европската полициска агенција Европол и единицата за европска судска соработка Еурожуст. Според двете организации, апсењата се случиле по сомневањата на француските власти за можна „трговија со луѓе“, „нелегално вработување“, „производство на лажни документи за лична карта“ и „перење пари“.
Апсењата беа извршени во заедничка акција и се резултат на заедничката истрага на полициските сили на Франција, Романија и Молдавија, поддржана од Европол, соопштија двете агенции.
„Криминалната мрежа криумчарела и регистрирала молдавски работници во Франција користејќи лажни документи, притоа задржувајќи ги нивните вистински пасоши како гаранција„ соопшти Европол.
Вкупно биле претресени 44 локации – 17 во Франција, 14 во Романија, 20 во Молдавија – и запленети 15 луксузни автомобили, како и 100.000 евра во готово, прецизира, од своја страна, Еурожуст, додавајќи дека „се замрзнати 11 банкарски сметки“.
Според Европол, криминалната мрежа им обезбедувала на илегалните мигранти фалсификувани романски лични карти и возачки дозволи.
„Повеќето од жртвите имаат ниско ниво на образование и затоа се поранливи на нивната експлоатација од оваа криминална мрежа“, додаде Европол.
„Тие работеа 55 часа неделно за 60 евра на ден. Големи компании во градежниот и реновирачкиот сектор исто така се вклучени во овој криминален систем“, соопшти европската полициска агенција, опишувајќи ја активноста на мрежата како „екстремно профитабилна“, со профит проценет на речиси 14 милиони евра.
Осомничените ги переле криминалните средства преку осум компании, појаснува Европол, повеќето со седиште во Франција.