Довербата на Европејците во институциите на ЕУ е на рекордно ниско ниво, покажала студијата на Евробарометар, што го спроведе истражувањето на барање на Европската комисија.
Според резултатите од истражувањето, особено критични спрема ЕУ се жителите на т.н. кризни земји, пред се Шпанија.
Дури 72 отсто Шпанци немаат доверба во ЕУ, што значи дека во Шпанија живеат повеќе европесимисти отколку во Велика Британија, која се поигрува со идејата за напуштање на Унијата.
Во Британија, според анкетата, речиси 69 отсто од граѓаните не и веруваат на европската заедница.
Изненадување претставува фактот дека слични тенденции се бележат во Германија и Франција, две традиционално проевропски земји. Над половина Германци (59 отсто) и Французи (56 проценти) повеќе немаат доверба во ЕУ.
Анкетата на Евробарометар е спроведена во шест најголеми држави во ЕУ: Германија, Велика Британија, Шпанија, Франција, Италија и Полска, во кои живеат 350 до 500 милиони граѓани на ЕУ.
Главните причини на ваквото расположение, аналитичарите го гледаат во масовната невработеност, недостигот на перспектива за младите луѓе и намалувањето на социјалните давачки во ЕУ.