Лидерите на земјите на ЕУ размислуваат за нови економски санкции против Москва.
Дали во Европа ќе има кавијар и вотка?
Според пишувањето на руските медиуми, се очекува забрана за увоз на руска вотка и кавијар, но ако дојде до понатамошни ескалации на судирите на југоистокот на Украина, таа забрана може да ги опфати и гасот и нафтата.
Иако досегашните мерки оставија трага колку и каснување од комарец, оценуваат руските експерти, новиот предмет на санкции би се одразил на долгорочната стратегија.
Во Белгија моментално во фокус се неодамнешните избори за Европскиот парламент, но како што порано најави претседателот на Европскиот совет Херман Ван Ромпуј, лидерите на ЕУ разменуваат мислења и во врска со можни нови санкции против Русија.
– Како што веќе е познато, во случај на сериозна дестабилизација во Украина можат да се разгледуваат дополнителни поостри мерки против Русија. На што конкретно се однесува тоа не можам да ви кажам – рускиот весник Газета ги пренесе зборовите на еден пратеник.
За новите санкции против Русија пишуваше и австрискиот дневен весник Дер Стандард кој наведе дека Кремљ може да се исплаши од забрана на увоз од Русија на цел спектар на стока – од кавијар, вотка и крзно, па се до нафтата и гасот. Меѓутоа, наведува весникот, речиси сите овие економски мерки, на кои може да смета ЕУ, можат да влијаат на Москва како тропалче на бебе со кое си игра.
Сериозен удар по Русија може да биде само намален увоз на гас или ограничување во финансискиот сектор, пишува Дер Стандард.
Претстојните разговори во Брисел веќе ги оцени рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров:
– Треба да одлучат за понатамошно казнување на Русија и за тоа кои мерки можат да ги преземат…
Ова станува смешно. Луѓето очигледно се зафатени со барања барем за некои причини да продолжат да вршат притисок на нас. Но прво, сите овие причини изгледаат смешно и незначајно, а второ, сите што се обиделе до сега да вршат притисок на Русија, немале резултати.
Дискусиите за нови санкции секако ќе продолжат, но прашање е што ќе произлезе од нив. Можеме да претпоставиме дека голем број држави можат да забранат увоз на гас и нафта, но потоа за Русија доаѓаат тешки времиња, пишува Газета.
– Не, Кина нема да не спаси. Посебно не поради тоа што последниот договор изгледа многу чудно. Впрочем, тоа за сега само се зборови, а не и дела – рече членот на Московскиот научен совет Карнеги, Алексеј Малашенко.
Долгорочно, санкциите ќе траат колку и настаните во Украина, се согласува и аналитичарот Јуриј Рогулев.
– Многу работи ќе зависат од исходот на овие настани. Моментално, малкумина ќе објават нови санкции, барем додека позицијата на Киев и Москва конечно не се разјасни – вели тој.
Реално гледано, сето ова повеќе е политички гест отколку желба навистина некои области од економијата и трговијата да се ограничат. И на европските земји, тоа воопшто не им треба. Сепак, се додека Русија личи на каква таква изолација, тие ќе продолжат – се согласуваат експертите.
Б92 – Белград