Европскиот комесар за трговија, Фил Хоган, најави денес дека ќе ги ограничи јавните настапи, по објавата дека ќе се кандидира за директор на Светската трговска организација (СТО), соопшти Европската комисија.
Ирецот Хоган минатата недела најави дека размислува да се кандидира за претседател на СТО, позиција за која рокот за аплицирање истекува на 8 јули.
Европската комисија наведува дека во договор со Хоган било решено тој да ги намали јавните настапи за да не влијае врз процесот на избор.
Актуелниот генерален директор на СТО, Роберто Азеведо, минатиот месец најави дека ќе се повлече од функцијата на 31 август, по седум години на челото на меѓународната организација. Во последните години, мандатот на Азеведо го карактеризираше силен притисок од американскиот претседател Доналд Трамп, кој постојано ја обвинуваше СТО дека не се однесува фер кон неговата земја.