Евроизбори 2019: Традиционалните партии го задржаа мнозинството, подем на екстремната десница и зелените

Од:

Прелиминарните избори за членови на Европскиот парламент, кои во повеќето држави од ЕУ беа одржани вчера, покажуваат дека традиционалните партии го задржаа мнозинството во претставничкото тело на Унијата, но и дека зелените и на екстремните и популистичките партии постигнаа подобри резултати во однос на претходните избори во 2014 година.

Изборите покажаа и дека и покрај општоприфатеното раширено мислење за загубениот интерес на граѓаните на ЕУ, тие сепак манифестираа верба во демократскиот процес, изразен преку големиот одѕив кој достигна речиси 50 проценти.

Првичните резултати покажуваат дека конзервативната Европска народна партија (ЕПП) останува најголема пратеничка група во Европарламентот со 182 пратеници или 35 помалку од досегашните 217, додека Прогресивната алијанса на социјалистите и демократите (СД) доби 150 мандати, губејќи 34 места. Двете партии досега заедно имаа мнозинството во Парламентот, што нема да биде случај и во новиот состав.

Сепак мнозинството можат да го обезбедат со третата „традиционална“ партија Алијансата на либералите и демократите за Европа (АЛДЕ), која значително ја зголеми својата пратеничка група од досегашните 68 на дури 109 мандати, пред се благодарение на пристапувањето кон групата на партијата Републиката во движење (РЕМ) на францускиот претседател Емануел Макрон и добрите резултати на Либералните демократи во Велика Британија.

Блокот на Зелените и Европската слободна алијанса, која ги обединува регионалните и малцинските партии, освои 69 мандати или 17 повеќе од 52 пратеника на претходните евроизбори во 2014 година, додека умерено евроцентричната група на Европските конзервативци и реформисти (ЕЦР) доби 51 место.

Очекуваниот подем на екстремната десница, се покажа послаб од прогнозите, но сепак блокот Европа на нациите и слободата, во која доминираат францускиот Национален собир (РН) на Марин Ле Пен, партијата Лига на италијанскиот вицепремиер Матео Салвини и Алтернатива за Германија (АФД), ќе има 84 пратеници.

Екстремно левичарските партиите здружени во блокот Европска обединета левица – Нордиска зелена левица (ГУЕ-НГЛ) освоија 39 мандати, а останатите 30 места ќе им припадна на партии или независни кандидати што не се дел од ниту еден блок.

Кандидатот на ЕПП за претседател на Европската комисија, Манфред Вебер изјави дека конзервативниот блок и натаму останува најголема група во Европарламент и покрај загубите.

– Не постои стабилно мнозинство во Европскиот парламент без Европската народна партија. ЕПП денес е најважната група ако ги погледнеме бројките, изјави Вебер.

Водечкиот кандидат на СД, Франс Тимерманс оцени дека изборните резултати покажале дека социјалдемократите „мораат да бидат скромни“.

– Мораме јасно да ја претставиме својата програма. Ќе го повторам предлогот да соработуваме со останатите прогресивни партии за да се обидеме да изработиме програма, што би се занимавала со аспирациите и соништата, а повремено и со стравувањата на нашите европски сограѓани, нагласи Тимерменс.

Изборите покажаа и дека владејачките партии во голем број европски земји доживеаја непријатни изненадувања. Послаби резултати остварија владејачките партии во Германија, Франција и Велика Британија, но исто така и во Грција и Хрватска, а до одреден степен и во Словенија.

За разлика од ова владејачките партии во Унгарија и Италија ги подобрија своите изборни резултати.

Водечката партија во германската владејачка коалиција, Христијанско демократската унија (ЦДУ) освои шест отсто помалку гласови отколку на претходните евроизбори, а нејзиниот коалициски партнер Социјалдемократската партија на Германија (СПД) повеќе не е втора политичка сила во земјата, бидејќи од таа позиција беше потисната од алијансата Зелени.

Во Франција победи Националниот собир (РН) со околу еден процент повеќе гласови пред РЕМ на претседателот Макрон. Но, најголеми губитници се конзервативната партија Републиканците (ЛР), која ќе има само осум пратеници и Социјалистичката партија (ПС) со шест мандати. Двете до неодамна водечки политички сили во Франција, сега се на четвртото и петтото место, зад третопласираните Зелени.

Во Велика Британија убедливо победи Партијата Брегзит со 29 освоени мандати, пред Либералните демократи кои од еден европратеник во 2014 сега добија 16 и водечката опозициска сила Лабуристичка партија, чиј број на пратеници се преполови на 10. Најголем губитник е Конзервативната партија на премиерката Тереза Меј, која освои само четири европратеници и го постигна најлошиот изборен резултат од 1832 година.

Во Грција, опозициската Нова демократија, освои речиси 9,5 проценти повеќе од владејачката СИРИЗА, што го натера премиерот Алексис Ципрас да најави предвремени парламентарни избори, а како евентуален датум се споменува на 30 јуни.

Хрватската владејачка Хрватска демократска заедница (ХДЗ) и опозициската Социјалдемократска партија (СДП) освоија по четири мандати, што претставува изненадување, бидејќи анкетите и даваа многу голема предност на ХДЗ пред СДП.

Во Словенија по четири мандати освоија партиите на владејачката коалиција (Партијата на премиерот Марјан Шарец и Социјалните демократи (СД) по два) и од опозицијата (конзервативната Словенечка демократска партија (СДС) на Јанез Јанша – три и демохристијанската Нова Словенија – еден).

Двете владејачки партии во Италија, Лигата на Салвини и Движењето Пет Ѕвезди (М5С) освоија речиси 60 проценти од италијанските европратеници. За најголем губитник се смета конзервативната партија Форца Италија на поранешниот премиер Силвио Берлускони, која освои само седум мандати.

Унгарската владејачка партија Фидес на премиерот Виктор Орбан освои над 52 проценти од гласовите, што и гарантира огромно мнозинство од мандатите во Европарламентот предвидени за претставниците на Унгарија.

Со успешен изборен резултат може да се пофали и Шпанската социјалистичка работничка партија (ПСОЕ) која освои најмногу гласови на евроизборите во Шпанија. ПСОЕ и опозициската конзервативна Народна партија (ПП) се меѓу ретките „традиционални“ партии на левицата и десницата во ЕУ, што останаа водечки политички сили во нивните земји.

Новиот состав на Европскиот парламент сега ќе има 751 членови, број што ќе се намали по очекуваното истапување на Велика Британија од Европската унија. По Брегзит, дел од британските мандати ќе бидат дистрибуирани на други земји членки, а дел ќе бидат зачувани за идното проширување на Унијата.

Би можело да ве интересира

Акцијата „Моби Дик“ една од најголемите во ЕУ – даночно затајување од 520 милиони евра

А1он

Глобална трговска војна, Британија избира помеѓу САД или ЕУ

Косачов: Европската Унија нема да опстане без Русија и БРИКС

Грузиската Централна изборна комисија ги објави конечните изборни резултати, опозицијата продолжува со протестите

Блумберг: Лидерите на ЕУ го повикаа Бајден да ја зголеми помошта за Украина пред доаѓањето на Трамп

Граѓаните не сакаат предвремени парламентарни избори, вели Мицкоски