Европската служба за надворешни работи утрово повторно ги повика сите страни инволвирани во либискиот конфликт да им стават крај на воените акции и да го возобноват политичкиот дијалог.
-Не постои воено решение за кризата во Либија, единственото решение е политичко, преговори врз основа на неодамнешните предлози на Обединетите Нации. Сите членови на меѓународната заедница треба да го почитуваат ембаргото на ОН вез оружјето, изјави портпаролот на Европската надворешна служба, Петер Стано.
Либија е поделена на повеќе воени и политички табори. Таборот на Калифа Хафтар има поддршка од Египет, Емиратите и Русија. Силите на Хафтар речиси една година се обидуваат да заземат контрола врз главниот град Триполи.
Силите на Фајез Ел Сераж ја имаат поддршката на Турција.
САД и ЕУ сметаат дека воените дејствија не можат да донесат решение во оваа земја и бараат политички дијалог помеѓу сите страни како и почитување на ембаргото на ОН. Вашингтон и Брисел го поддржуваат претставникот на ОН, Хасан Саламе, „како единствен пат кон возобновување на политичкиот процес во Либија“.