Денеска, во пресрет на 29-годишнината од геноцидот во Сребреница, Европската Унија порача дека „меѓу нас нема место“ за оние кои го негираат тоа, се обидуваат да ја препишат историјата и да ги слават воените злосторници.
„Нема место меѓу нас за оние кои го негираат геноцидот, се обидуваат да ја препишат историјата и ги слават воените злосторници“, се вели во изјавата на високиот претставник за надворешни работи Жозеп Борел и комесарот за проширување Оливер Вархеји.
Во заедничката изјава тие нагласуваат дека геноцидот во Сребреница е еден од „најтемните моменти во модерната европска историја“.
„Наша должност е да го почитуваме споменот на повеќе од 8.300 момчиња и мажи кои беа систематски убиени во ридовите околу Сребреница“, се вели во соопштението.
Двајца високи европски функционери повикуваат на отфрлање на реториката за поделби и на акција заснована на вистина, правда, доверба и дијалог.
„Заздравувањето на раните од минатото бара признавање и предавање на историските факти, почестување и сеќавање на жртвите, идентификување на оние кои сè уште се водат како исчезнати и изведување на сите сторители пред лицето на правдата. Ова е клучно за соочување со корените на омразата што доведоа до геноцид“, вели тој во изјавата на Борел и Вархеји.
Потсетуваат дека одлуката на Европскиот совет од март да ги отвори преговорите со Босна и Херцеговина дава клучна можност земјата да напредува во реформите за зајакнување на демократијата, просперитетот и безбедноста на граѓаните на БиХ и приближување на земјата до членство во ЕУ.
„Ја повторуваме нашата недвосмислена посветеност на иднината на Босна и Херцеговина во ЕУ како единствена, обединета и суверена земја“, се вели во соопштението.