Европската Комисија упати сочувство за смртта на суданскиот бегалец застрелан во стомакот, кога заедно со 103 други мигранти, се обидел да им побегне на либиската крајбрежна стража.
– Тажни сме и ја осудуваме трагичната смрт на човекот застрелан од куршум откако бил вратен во Либија. Употребата на куршуми против ранливи и невооружани цивили е неприфатливо и ги повикуваме либиските власти да спроведат истрага за да ги расветлат околностите и да се осигурат дека ова нема да се случи повторно, треба да има одговорност, изјави денеска Маја Коцијанчич, портпаролката за надворешни работи на ЕУ.
Убиството на Суданецот се случило вчера кога либиската крајбрежна полиција враќајќи стотина мигранти и бегалци на копно одлучила да ги одведе во притворен центар, но мигрантите се обиделе да избегаат.
Условите во либиските притвори се повеќе пати осудени од меѓународната заедница, а Европската Унија бара тие да бидат затворени, потсети Коцијанчич.
-Овој тип на центри мора да се затвори, ние сме во контакт во либиските власти и јасно им ја пренесуваме пораката, додаде Коцијанчич попладнево.
Меѓународната организација за миграција чии вработени биле сведоци на убиството најстрого ги осудува условите во кои се задржуваат мигрантите во Либија.
– Оваа смрт е силен потсетник за ужасните услови во кои се наоѓаат мигрантите фатени од либиската крајбрежна полиција откако ќе платат посредници да ги однесат во Европа за да се најдат во притворни центри, каде условите се осудени од Обединетите Нации, вели организацијата за миграција во своето соопштение.
Пред два месеца 53 мигранти затворени во либиски центар беа убиени во воздушни напади, и покрај „ужасните услови“, центарот сѐ уште работи, потсетува МОМ.
Од почетокот на бегалската криза во Сирија, Европската Унија склучува договори со трети земји да ги спречи мигрантите да пристигнуваат на европско тло.
Иако нема договор со Либија и оваа земја се смета за небезбедна, либиската крајбрежна полиција добила околу 46 милиони евра од ЕУ, а нејзините припадници се обучувани од ЕУ.