Високиот претставник за надворешна и безбедносна политика на ЕУ Кетрин Ештон денеска изрази „длабоко жалење“ за жртвите во демонстрациите во Египет и ги повика двете страни да го запрат насилството.
Таа вели дека со загриженост го следи најновиот развој на настаните и длабоко жали за губитокот на животи.
„Таа ги повика и сите актери да се воздржат од насилства и да ги почитуваат принципите на мирно протестирање и ненасилство“, се вели во соопштението испратено од нејзиниот кабинет.
Министерството за здравство на Египет соопшти дека во изминатите 24 часа во главниот град Каиро и во Александрија загинале 29 лица, а 649 се ранети.
Но, движењето Муслимански браќа на својата интернет страница објави дека во судирите меѓу приврзаниците на симнатиот од власт претседател Мохамед Морси и безбедносните сили загинале 200, а ранети се над 4.000 лица.
Полицијата тврди дека за растерување на демонстрантите, кои јуришале на полициските кордони, употребуван е само солзавец, а исламистите фрлале „молотови коктели“ и употребувале оружје.
За прекин на нередите на местото испратени се и одреди од интервентната единица.