Ердоган: Операцијата во северен Ирак и Сирија не е ограничена само на воздушна кампања

Од:

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган даде одредени сигнали за можна копнена операција во северен Ирак и северна Сирија со цел елиминирање на терористичката закана, јави агенцијата Анадолија.

– Како што рековме претходно, ако некој ја вознемири нашата држава и територија, ќе го натераме да ја плати цената. Значи, постојат терористички организации на нашиот југ кои планираат многу напади или кои вршат такви напади и претставуваат закана за Турција, изјави Ердоган за новинарите во претседателскиот авион со кој се враќаше од своето патување во Катар.

Тој го изјави ова откако Турција рано завчера ја започна операцијата „Канџа-меч“, прекугранична воздушна кампања против терористичката организација ЈПГ/ПКК која има засолништа преку ирачката и сириската граница, каде што планираат напади на турска територија.

– Ова не е ограничено само на воздушна операција, нагласи Ердоган, додавајќи дека релевантните единици ќе преземат соодветни чекори.

Турската воздушна операција следуваше по терористичкиот напад минатата недела на преполната улица „Истиклал“ во Истанбул, во кој загинаа најмалку шест лица, а 81 беа повредени.

Турското Министерство за национална одбрана соопшти дека операцијата е спроведена во согласност со правото на самоодбрана според член 51 од Повелбата на Обединетите нации (ОН).

Ердоган истакна дека речиси 70 авиони, вклучително и вооружени беспилотни летала, учествувале во операцијата и додаде дека се уништени вкупно 89 позиции на терористите, вклучувајќи засолништа, бункери, пештери, тунели и складишта за муниција.

– До овој момент гаѓани се 45 позиции на терористите на длабочина од приближно 140 километри на територијата на северен Ирак и 44 цели на длабочина од околу 20 километри во Сирија, додаде тој.

На прашањето дали Турција разговарала за оваа операција со Русија и САД Ердоган рече: „Не сме имале никакви разговори со американскиот претседател Џо Бајден или рускиот претседател Владимир Путин во врска со оваа операција. Сепак, и Бајден и Путин веќе знаат дека можеме да реализираме такви работи во овој регион во секое време“.

– Турција е со САД во НАТО, рече Ердоган, нагласувајќи дека Вашингтон за жал има испратено илјадници парчиња опрема, муниција и оружје во зоните на терористите во Сирија, пренесе Анадолија.

Извор: МИА

Би можело да ве интересира

Ердоган на самитот на Г20 изјави дека Русија има право да се брани со нуклеарно оружје

Ердоган: Турција ги прекина односите со Израел

Ердоган: Нема објаснување зошто процесот на пристапување на Турција во ЕУ е блокиран со години

Ердоган го повика исламскиот свет да се обедини за поддршка на палестинскиот и либанскиот народ

Ердоган: САД ги користат терористичките организации на Блискиот Исток за свои интереси

Горан Наумовски

Ердоган пред Генералното собрание на ОН повика на сојуз на човештвото за да се запре геноцидот во Газа