Генералниот директор на британската контраразузнавачка агенција МИ5, Ендрју Паркер изјави денеска дека терористичкиот напад врз редакцијата на весникот „Шарли Ебдо“ е предупредување и за Велика Британија.
– Станува збор за страшното потсетување на намерата на исламистичките екстремисти да му напакостат на Западот, рече Перкер.
Во изјавата Паркер рече дека телефонски разговарал со својот француски колега, кому му понудил „целосна британска соработка и помош“ во потрагата и откривањето на сторителите на нападот врз парискиот сатиричен весник во кој се убиени 12 лица, а исто толку се повредени. Понуда за помош и соработка од британска страна е дадена и за ловот по терористите.
Во 2013 година, кога беше назначен за директор на МИ5, Паркер предупреди дека Велика Британија се соочува со голема терористичка закана, вклучувајќи ги во тоа и неколкуте илјади екстремисти на британска територија, за кои постои сомнеж дека сакаат да извршат напад врз земјата во која живеат.
Според неговите проценки, во овој момент е рано од Лондон да се оцени кој стои зад злосторството во Париз и за неговото потекло.
Веднаш по терористичките напади во францускиот главен град, МИ5 отпочна со детално надгледување на британските исламистички екстремисти во настојување да открие и да спречи евентуален обид за копирање на парискиот напад.
Наредена е строга контрола на пристаништата во Велика Британија, како и на бритаската пасошка контрола на париската станица Гар ди Норд, од каде тргнуваат возовите Евростар.
Во соопштение на Даунинг стрит 10 се потврдува дека се спроведува темелна контрола врз автомобилите, камионите и товарите што доаѓаат од Франција и посебно на оние од реонот на градот Кале.
Британските разузнавачки служби се вклучени во испитувањето на идентитетот на двајцата осомничени француски Алжирци за кои се верува дека се меѓу извршителите на терористичкиот напад врз весникот. Но, и покрај подигнатата безбедносна тревога, не е променета ознаката за „голема закана“ од терористички напад во Велика Британија.