Поранешниот директор за комуникации во Даунинг стрит 10, Енди Коулсон ги отфрли денеска сите обвинувања во врска со аферата за прислушкувањето на мобилната телефонија, што ја правеле новинари и соработници на сега згаснатиот неделник „Њуз оф д Ворлд“.
На судскиот распит во судот во Лондон, Коулсон кој е поранешен главен уредник на овој весник, ги отфрли обвинувањата и за давање поткуп на луѓе во државната администрација, за да се добијат ексклузивни информации за објавување.
Тој беше главен уредник на „Њуз оф д Ворлд“ од 2003 до 2007 година, кога поднесе оставка, откако двајца сорботници на редакцијата беа уапсени, а потоа и осудени за ловење на говорната пошта од мобилните телефони на советници на младите принцови Вилијам и Хари.
Подоцна, Коулсон беше вработен како советник за медиумите во Конзервативната партија, која тогаш беше во опозиција и на нејзиниот лидер Дејвид Камерон.
Кога тој стана премиер, Коулсон беше назначен на мокната функција директор за комуникации во Даунинг стрит 10.
Овој некогаш угледен новинар, и порано и сега тврди дека нема никaква врска со прислушувањето, како и дека тој не знаел за практиката на дел од новинарите во редакцијата на „Њуз оф д Ворлд“ за прислушување на мобилните телефони на познати и популарни јавни личности.
На вчерашното сослушување, сите обвинувања ги отфрли и Ребека Брукс, порнешната директорка во „Њуз Интернешенел“ и некогашна главна уредничка на „Сан“ и на „Њуз оф д Ворлд“.