Целата ирачка провинција Ниневија веќе е во рацете на екстремистите, кои претходно денеска соопштија дека целосно ја презеле контролата врз градот Мосул, вториот по големина во Ирак и главен град на Ниневија, пренесоа француските медиуми, повикувајќи се на Усама ан Наџафи, претседател на ирачкиот Парламент.
Ова е првпат бунтовниците да воспостават контрола врз цела ирачка провинција. Сега тие се насочуваат кон соседната провинција Салах ад Дин.
По борбите што траеја четири дена половина милион лица избегале од Мосул, соопшти Меѓународната организација за миграција, цитирана од ДПА.
Бегалците биле принудени да се движат пешки, бидејќи движењето на автомобилите низ градот е забрането.
Ирачкиот премиер Нури ал Малики од Парламентот побара воведување вонредна состојба во Мосул, пренесе ДПА.
Законодавниот дом барањето на Малики ќе го разгледа дури в четврток.
Владата ќе им подели оружје на цивилите кои сакаат да се вклучат како доброволци во борбата против исламистите.
Малики ги повика ОН, Арапската лига и Европската унија да му помогнат на Ирак во борбата против тероризмот.
Мосул беше преземен од сунитските екстремисти, меѓу кои диминараат приврзаниците на групата „Исламска држава во Ирак и Левантот“.