Американски експерт за односите на Блискиот исток, кој работел за четворицата последни американски претседатели, ги оспорува тврдењата на Белата куќа дека постои договор за оружје со Саудиска Арабија вреден 110 милијарди долари.
Брус Ридел, од „Брокинг институшнс“, ја негира информацијата за договорот објавен на 20 мај по средбата во Ријад меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и саудискиот крал Салман.
– Не постои договор. Тоа е лажна вест, наведува Ридел во колумна на сајтот на Брукинг, критикувајќи го Трамп, јави ДПА.
Цитирајќи извори во Конгресот и одбранбената индустрија, тој нагласува дека договорот е всушност, „голем број писма со интерес или намера, но нема договори“.
– Сите јавно соопштени елементи од воениот договор, меѓу кои се фрегати, Блекхок хеликоптери и систем за ПВО, или се почнати во време на Обама или се само заинтересираност на Саудијците, нагласува Ридел.
Ридел вели дека Саудијците немаат толку пари за таква „листа на желби“ поради ниската цена на нафтата.
Трамп објави на Твитер неколку дена по враќањето од таа посета: „Донесов стотина милиони долари во САД од Блискиот исток, а тоа значи работни места, работни места, работни места“.
Ридел, пензиониран аналитичар на ЦИА, беше висок советник за Блискиот исток во Националниот Совет за безбедност, што е под надлежност на секој претседател во изминатите 30 години.