ЕК: Родовата еднаквост е во ДНК-то на ЕУ, но ниту една земја се уште не ја остварила во целост

Од:

Потпретседателите на Европската комисија, Франс Тимерманс и Федерика Могерини, како и еврокомесарите Невен Мимица, Димитрис Аврамопулос, Мариен Тисен, Христос Стилијанидис и Вера Јурова, денеска испратија соопштение со честитки по повод Осми март, меѓународниот ден на жената.

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, во оваа честитка лидерите на Еврокомисијата посочија дека родовата еднаквост е во ДНК-то на ЕУ, но дека, за жал, се уште ниту една земја не ја остварила во целост.

– Европа ја промовира родовата еднаквост од 1957 година и таа е дел од ДНК-то на Европската унија. Можеме да бидеме горди на она што Европа го има постигнато во последниве години. Родовата еднаквост не е далечен сон, туку европска реалност. Сепак, ние мора да продолжиме да работиме напорно. Еврокомисијата и понатаму е убедена дека заедно можеме да ги затвориме останатите празнини во платите, вработеноста и донесувањето одлуки на работните места. Ниту една земја се уште целосно не ја остварила родовата еднаквост, порачаа еврокомесарите на почетокот на писмото-честитка.

Според Тимерманс, Могерини, Мимица, Аврмопулос, Стлијанидис, Јурова и Тисен, ЕУ е и останува на чело на оние што ја унапредуваат родовата еднаквост, како во внатрешноста на Комисијата и на Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС), така и во Европската унија и во односите со трети земји.

Тие поосочуваат дека во овој дел е направен голем напредок, но дека многу празнини сè уште постојат. Укажуваат и дека жените се уште заработуваат помалку и поседуваат помалку од мажите и се уште се недоволно застапени политички и во светот на бизнисот. Секој ден, според нив, илјадници жени и девојчиња се жртви на родово насилство, вклучувајќи и сексуалната злоупотреба, трговија со луѓе, гениталното осакатување на жените и брзи и присилни бракови, па затоа порачаа дека работат напорно за ова да се промени.

– Нашата посветеност во оваа нова Еврокомисија е да работиме заедно низ области на политики и преку границите во борбата против родовата нееднаквост. Жените треба да имаат исти можности како и мажите да учат, да изберат кариера и семеен живот што го сакаат, како и да живеат ослободени од заканата од насилство. Ова е за светот во кој ги раснеме нашите синови и ќерки и ние сакаме да создадеме свет во кој сите ќе може да напредуваат, порачаа еврокомесарите.

Првите луѓе на неформалната Влада на Европската унија, истакнаа дека оваа година се одбележува 20-годишнината од Пекингшката декларација и Платформата за акција и 15 години од усвојувањето на Резолуцијата 1325 на Обединетите нации за жените, мирот и безбедноста и поставување на родовите прашања високо на меѓународната агенда. Овие годишнини ќе се совпаднат со дискусијата за Агендата за развој на пост-2015 година, кога ќе се дефинираат глобални цели за искоренување на сиромаштијата и да се обезбеди глобалниот одржлив развој.

– Оваа 2015 година дава еднаш во една генерација можност да се постави родова еднаквост, да се остварат човекови права и еднаквост на жените и девојките во првите редови на глобалната агенда и да се постигнат реални резултати за сите жени. Ние ќе продолжиме да работиме за да се постигне тоа, порачаа еврокомисиските лидери.

Би можело да ве интересира

Амбасадорите на ЕУ се согласија да стават уште четири руски медиуми на листата на санкционирани

Стано: ЕУ очекува новите власти на Северна Македонија да продолжат со успешниот пристапен пат

ЕУ: Замрзнатите руски средства ќе се користат за воена помош за Украина

ЕУ постигна договор за користење на замрзнатите руски средства за воена помош за Украина

Писонеро: ЕУ очекува сите политички сили во Македонија да го поддржат напредокот на европскиот пат

Орце Костов

Ахмети: Александар Дугин, главата на руските политики има партија во Македонија