ЕК предлага промени во правилата за тестирање на лековите

Од:

Европската комисија денеска предложи стимулирање на клиничките тестирања на лековите преку поедноставување на правилата за нивно спроведување.

ЕК во своето соопштение нагласува дека клиничките истражувања, во кои во Европската унија се инвестираат над 20 милијарди евра годишно имаат значителен придонес за политиката на растот во рамки на стратегијата „Европа 2020“.

Клиничките истражувања се од првостепено значење за производството на лековите, како и за подобрување на веќе употребуваните лекови.

ЕК напоменува дека откако овие мерки ќе бидат објавени, ќе се пристапи кон поедноставување и забрзување на процедурите за добивање одобрение и за изготвување извештаи за одредени лекови, а истовремено ќе продолжат да се применуваат највисоките стандарди за заштита на пациентите.

– Пациентите во Европа треба да имаат пристап до најиновативните клинички истражувања. Клиничките истражувања се од првостепено значење за изработка на нови лекови и за подобрување на веќе постоечките. Поради тоа и денешниот предлог значително го олеснува управувањето со клиничките испитувања, а истовремено гарантира дека ќе продолжат да се применуваат највисоките стандарди за заштита на пациентите, изјави еврокомесарот за здравство и заштита на корисниците Џон Дали.

Тој додаде дека на тој начин регулаторните трошоци можат да бидат намалени за 800 милиони евра годишно и да бидат поттикнати научните истражувања и развојните активности во ЕУ, со кои ќе се стимулира економскиот раст.

Новиот законски акт, предложен од ЕК ќе има форма на правна регулатива, која ќе гарантира дека правилата за спроведување на клиничките испитувања ќе бидат еднакви во сите земји на ЕУ. Со тој акт особено ќе се олесни спроведувањето на повеќенационални клинички истражувања во Европа.

Предлогот треба да биде разгледан од Европскиот парламентот и Советот, а се очекува да влезе во сила во 2016 година. Откако ќе биде усвоен тој ќе ја замени Директивата за клинички истражувања од 2001 година.

Би можело да ве интересира

Koшта: ЕУ мора да биде вклучена во преговорите со Русија за завршување на војната во Украина

Ројтерс: ЕУ ќе му каже на Израел дека го поддржува враќањето на Палестинците во Појасот Газа

Трамп ги вклучи сите аларми во Европа: Макрон повика на итен состанок на лидерите на ЕУ во Париз

ЕУ: Попуштањето на Русија и пред преговори не е добра тактика

Калас: Кина ќе се смее на трговската војна меѓу САД и ЕУ

(ВИДЕО) Трговска војна со Канада и Мексико, Трамп потврди царини и за ЕУ, ја обвини Јужна Африка за расизам

Катерина Ѓуровски