Европската комисија денеска го прогласи прашањето за претстојниот референдум во Грција за бесмислено, бидејќи со него се бара оценка на спасувачката програма, која конечно истече на полноќ.
Се уште сакаме да постигнеме договор и да помогнеме на Грција, вратата за преговори за нова програма останува отворена, изјави заменикот претседател на ЕК Валдис Домбровскис.
Според него државите од еврозоната треба да проценат дали да водат преговори за нова спасувачка програма, нагласувајќи дека еврозоната треба да не прави ништо, пред да биде разјаснета одлуката дали ќе има нова програма.
Финансиската ситуација во Грција денеска е многу полоша од пред една недела. Домбровскис смета дека тоа е посложена основа за почеток на преговори за нова програма, нагласувајќи дека штетите сега се многу поголеми и бараат поголеми напори за воспоставување на рамнотежа.
Со цел да има договор со Атина, неопходна е добра волја од преговарачките страни. Неопходна е стратегија за враќање на Грција на патот на економски раст и финансиска стабилност. Неопходен е силен ангажман на грчките власти, истакна заменикот претседател.
ЕК вложи многу енергија и напори во преговорите за истечената програма и покажа голема флексибилност кон грчките власти. Засега не може да започнеме преговори за нова програма, бидејќи немаме нејзин проект. Продолжувањето на досегашната програма беше невозможно, бидејќи остана многу кратко време, истакна Домбровскис по повод завршените без резултат синоќешни преговори во еврогрупата, околу два часа пред крајниот рок на спасувачката програма.