Европската комисија денеска потврди дека го разгледува предлогот за укинување на летното сметање на времето.
– Директивата за летно сметање на времето се одразува врз превозот и енергетиката. Ги оценуваме добиените предлози и ќе го соопштиме нашиот заклучок кога ќе бидеме готови, изјави претставник на Комисијата.
Европската директива од 2001 година е осмата по ред законодавна норма во ЕУ за изедначување на летното сметање на времето. Од 2002 година во секоја држава од ЕУ летното време почнува во 1 часот по Гринич во последната недела од март и завршува во 1 часот по Гринич во последната недела од октомври.
Финска парламентарна комисија вчера побара од Владата да побара од ЕУ укинување на директивата со образложение дека промената на сметањето на времето доведува до заболувања, ненаспаност и неефекикасност на работното место.
Во последните години летното сметање на времето беше укинато во Казахстан, Киргистан, Ирак, Пакистан, Бангладеш, Грузија, Ерменија, Русија, Египет и Азербејџан. Во исто време, од зимското сметање на времето се откажаа Белорусија и Турција, а минатата година слични намери објави и Унгарија.