Европската комисија решително ја демaнтира информацијата дека словенечкиот кандидат за заменик претседател на ЕК и за еврокомесар за прашањата на енергетиката Аленка Братушек се повлекува, изјави на прес-конференција Наташа Берто, портпарол на новоизбраниот претседател на комисијата Жан-Клод Јункер.
Таа изјавата ја даде откако претходно денеска Ројтерс и ТАСС соопштија дека Братушек се повлекла заради отпорот на европратениците кон нејзината номинација.
Братушек беше нападната во ЕП дека е во конфликт на интереси, бидејќи сама се предложила за функцијата во ЕК.
-Одлучно демантираме, Братушек останува кандидатот на Словенија, изјави Берто.
Таа не одговори на прашањето дали во тој случај може да дојде до промена на ресорот на кандидатот. Портпаролот не можеше да одговори и дали на Братушек ќе и биде дадена можноста за повторно испрашување пред европратениците, изјавувајќи дека е тоа внатрешна работа на ЕП.
– Сега топката е на полето на ЕП, тој ги оценува испрашувањата и тогаш Јункер решава што ќе преземе, појасни Берто.
ЕП се очекува утре да ги објави одделните оценки за кандидатите за идни еврокомесари. Потоа, на 22 октомври во Стразбур, процедурата треба да продолжи со гласање на составот на новата комисија, а неколку дена подоцна и во Европскиот совет.