Египетското обвинителство нареди денеска да бидат замрзнати сметките на 14 лидери од исламистичкото движење Муслиманско братство, меѓу кои лидерот Мохамед Бадија.
Меѓу нив е и Хајрат ал Шатер, заменик на Бадија и заменик претседателот на Партијата за слобода и правда Есам ел Ериан.
– Засега не се покренати никакви кривични дела против соборениот претседател Мохамед Морси и други исламистички лидери, вклучувајќи и за случајот за масовното бегство од затворите за време на народната револуција на почетокот на 2011 година, изјави денеска заменик-главниот обвинител на Египет, Адел Саид.
Тој демантираше дека Морси бил повикан на сослушување и додаде дека иследниците собираат уште докази и ги проучуваат жалбите против Морси и раководителите на Муслиманско братство.
Некои западни медиуми претходно денеска јавија дека Морси бил сослушуван од претставници на главното обвинителство во врска со учество во бегството од затвор во 2011 година.
Морси е осомничен дека заедно со припадници на Муслиманско братство побегнал од затворот „Вади Натрун“ за време на бунтот, со кој беше соборен од власт долгогодишниот претседател на Египет Хосни Мубарак.