На неколку часа пред денешната конечна одлука на Вишиот суд околу смртната казна на поранешниот египетски претседател Мохамед Морси, властите во Каиро соопштија дека спречиле антидржавен заговор, организиран од неговото исламистичко движење Муслиманско братство.
Во соопштението објавено на египетската државна телевизија се вели дека безбедносните служби „откриле и спречиле заговор на терористичката организација Муслиманско братство“ за напади врз државни институции, армиски и полициски претставници, судии, новинари, политичари и други јавни личности.
Припадници на Муслиманското братство прибирале разузнувачки податоци за државните институции и ги испраќале во странство, се додава во соопштението, без да се прецизира каде и кога биле праќани наводно прибраните информации.
Во текстот натаму се тврди и дека бебзедносните служби извршиле претреси, конфискувале оружје и уапсиле голем број луѓе, но не се наведува кога била спроведена оваа акција.
Морси беше сменет од власта во 2013 година од страна на тогашниот началник на армискиот Генералштаб, а сега египетски претседател, Абдел Фатах ал Сиси, по масовните улични протести против неговата Влада. Минатиот месец Морси и 106 членови на Муслиманското братсво беа осудени на смртна казна.