Египетските сили за безбедност ликвидираа 10 вооружени терористи и заробија уште 20, во акција на Синајскиот Полуостров во последните две деноноќија.
Четириесет и осум-часовната прва фаза од новата операција на египетските вооружени сили со кодно име „Пустинска бура“ беше спроведена во планинските области, со цел да бидат уништени терористички центри.
Обезбедена е поддршка на воздухопловните и военоморските сили. Воспоставена е контрола над главните патишта кои ги поврзуваат полуостровот со други области на Египет, како и над фериботите, изјави извор за ИТАР-ТАСС.
Според военото разузнавање, египетските сили трагаат по околу 500 вооружени борци, утврдени на површина од четири километри квадратни, но се соочуваат со тешкотии, бидејќи муџахедините ги користат локалните жители како жив штит и располагаат со тешко оружје.
Откако војската го собори на 3 јули претседателот Мохамед Морси, исламските радикали започнаа вистинска војна против армијата и полицијата на Синајскиот Полуостров и секој ден напаѓаат воени бази, полициски станици и пунктови.