Исламистичката коалиција во Египет, предводена од Муслиманско братство денеска ги повика граѓаните утре да демонстрираат ширум земјата поради воениот удар, со кој е соборен од власт претседателот Мохамед Морси.
Протестите под мото „Петок на отфрлањето“ треба да се одржат по петочната молитва. Националната коалиција за поддршка на законот „го повикува египетскиот народ да излезе на улиците и мирно да се мобилизира“ и „да каже Не! на затворањето од страна на војската, Не! на воениот удар“.
Повикот за протести беше испратен од џамија во предградие на Каиро, каде приврзаниците на Морси од минатата недела организираат мирни демонстрации. Војската вчера ја опколи џамијата со оклопни возила, но се уште не ги има растерано демонстрантите.