Палестински групи, вклучувајќи и пратеници на Хамас и „Исламски џихад“, во Каиро ја имаа својата прва официјална средба со египетските посредници со надеж дека,по повеќе од тринеделни борби, ќе им гарантираат трајно примирје со Израел, пренесоа британските медиуми.
Преговорите се концентрираа врз заедничкиот список со барања, изготвен вчера од палестинските фракции. Меѓу нив има барања за кревање на блокадата на Појасот Газа.
Меѓутоа, се уште не е познато до каде се преговорите, откако Израел одби да
испрати свои претставници.
Палестинските барања вклучуваат прекин на огнот, повлекување на израелските борци од Појасот Газа, кревање на блокадата, ослободување на политичките затвореници и почнување на процесот на обнова, изјавија вчера членови на делегацијата.
Преговорите почнаа денеска во 9 часот по Гринич под патронат на египетската разузнавачка служба и траеја околу два часа.
Египетски дипломатски извор соопшти дека Египет побарал од палестинската делегација да ги намали своите јавни настапи за да им се даде максимална шанса на посредничките напори.
-Египет нема да ги разгледува палестинските барања со САД и Израел, изјави дипломатскиот извор.
Египетски дипломатски извори посочија дека е малку веројатно да се прифатат палестинските барања за трговија преку границата на Газа, и покрај тоа што Каиро има за цел да ја олесни слободата на движење преку границата.
Израелското одбивање да испрати делегација во Киро едноставно е начин да се избегне неопходноста од давање одговори за крвопролевањето во Појасот Газа, соопшти Хамас.
-Независно дали Израелците ќе дојдат или не, не можат да ја избегнат одговорноста и обединетиот палестински народ ќе им суди пред Меѓународниот кривичен суд, во Каиро изјави високо позициониран претставник на Хамас.