Процесот против поранешниот египетски претседател Хосни Мубарак, кому му се заканува смртна пресуда за соучество во убиствата на околу 900 демонстранти за време на бунтот во 2011 година во Египет, беше обновен денеска.
Снимки од судењето, емитувани на државната телевизија, го покажаа Мубарак во инвалидска количка зад решетките. Тоа е второ појавување во судот на 85-годишниот Мубарак, откако на 22 август беше ослободен од затвор и префрлен во воена болница, каде ќе остане до крајот на друг процес против него по обвинение за корупција.
Хосни Мубарак е обвинет за четири дела. Во јуни 2012 година поранешниот претседател беше осуден на доживотен затвор, бидејќи не ги спречил убиствата на демонстрантите, но пресудата беше укината на апелативниот процес и касацискиот суд нареди нов процес.