Уапсениот лидер на забранетата во Египет организација „Муслимански браќа“ почина вчера во затвор. Поддржувачите на исламската организација тврдат дека неговата смрт се должи на недостиг на медицинска помош, пренесува БТА.
Фарид Исмаил (57) беше пратеник за време на владеењето на исламскиот претседател Мохамед Морси, соборен во 2013 година од тогашниот шеф на армијата Абдел Фатах ас Сиси по масовни протести во земјата. Актуелниот египетски претседател Ас Сиси најави дека ќе го уништи движењето „Муслиманските браќа“ по што илјадници од поддржувачите беа затворени.
Според извори од силите за безбедност Исмаил починал во болница во Каиро, каде бил пренесен пред неколку дена. Тој минатата година е осуден на 7 години затвор по обвиненија, поврзани со насилства за време на растурањето на протестни кампови во Каиро од силите за безбедност во август 2013 година во кои загинаа стотици демонстранти.
Забранетата политичка партија „Муслиманси браќа“, на својата интернет страница, објави дека Исмаил бил лишен од лекарства и медицинска помош. – На повеќе наврати минатиот месец побаравме од судот Исмаил да биде преместен во надворешна болница поради влошување на неговата здравствена состојба, изјави адвокатот Абдел Монеим Абдел Максуд.
– Судот се согласи на барањето, но затврот не ја исполни наредбата, истакна адвокатот.