Едно лице синоќа било рането во текот на втората ноќ на протести во американскиот град Милвоки, во државата Висконсин, предизвикани од последното убиство на осомничен Афроамериканец од страна на полицаец.
Полицијата во протестите употреби оклопни транспортери за да го евакуира повредениот, но не се повторија масовните нереди од претходната ноќ, пренесоа американските медиуми.
По серијата мирни демонстрации и бдеења со свеќи во текот на денот, вечерта избувна нов судар меѓу полицајци и група од околу 150 лица, кои врз нив фрлаа камења и други предмети во непосредна близина на местото каде претходниот ден смртно беше застрелан 23-годишниот Силвил Кеј Смит.
Полицијата се обиде да ја растури толпата и се закани со апсења.
Локалните телевизии покажаа и како еден од полицајците, кои се бранат со своите штитови, паѓа погоден од камен и како неговите колеги го повлекуваат на страна. Подоцна беше соопштено дека еден припадник на полицијата бил хоспитализиран, откако камен му го искршил предното стакло на полицискиот автомобил.
Полицијата на Твитер соопшти за три локации на кои имало нереди. Не е јасно дали застреланото лице е демонстрант.
Нема други информации за настрадани или предизвикани штети, откако претходната ноќ шест продавници беа опожарени и целозно изгореа.
Началникот на полицијата Едвард Флин вчера на прес-конференција изјави дека мажот, чија смрт ги предизивка протестите, бил застрелан, откако со пиштол в рака се свртел кон полицаец. Флин предупреди дека истрагата се уште е во тек и дека се чакаат резултатите од аутопсијата, но врз основа на видеоснимката од камерата на телото на убиениот, полицаецот, чиј идентитет не се открива, со сигурност дејствувал во рамки на законот.
На истата прес-конференицја градоначалникот Том Барет изјави дека на кадар од снимката јасно се гледа пиштолот во раката на осомничениот, додека бегал од полицајците.