Судот во Ријау на индонезискиот остров Суматра го осуди на смрт нарко-дилерот Џамил Ј., од како во октомври полицијата го фатила при обид во Џакарта и Бандунг да однесе осум тони марихуана.
Интересно е што обвинетиот пред две години бил пуштен од затвор, каде што одлежал пет години поради илегална трговија на марихуана.
При апсењето Џамил изјавил дека работи по налог на извесен Ибрахим, кој по апсењето бил експресно изведен пред суд, а му беше изречена смртна казна.
Нарко-дилерите од овој круг беа откриени со меѓусобно пријавување кое започнало со апсењето на Џамил. Тројца од нив се осудени на по 20 години, а двајца добија казна доживотен затвор.
На извршување на смртната казна поради трговија со дрога во Индонезија чекаат осумдесетина осуденици. Годинава и покрај притисоците на голем број држави, во Индонезија беа ликвидирани 14 нарко-дилери, од кои 12 беа странски државјани.
Претседателот на Индонезија, Јоко Видодо и натаму одбива да ги помилува нарко-дилерите, бидејки во државата со 256 милиони жители има речиси пет милиони регистрирани зависници. Од прекумерно уживање на дрога дневно во Индонезија умираат 45 до 50 зависници.
Осудениот на смрт Џамил за весникот „Џакарта глоб“ изјавил дека нема да се жали на пресудата.