Португалските власти запленија околу еден тон кокаин на едрилица што пловеше преку Атлантикот од Латинска Америка и уапсија 53-годишен маж, соопшти морнарицата и судската полиција.
Едрилицата е запрена на отворено море во средата вечер, на околу 370 километри од португалскиот брег, изјави за AFP, Артур Ваз, шеф на одделот за судска полиција за борба против трговијата со дрога.
„Откако го пронашла и запрела, полицијата го пребарала бродот и го уапсила единствениот член на екипажот, 53-годишен странски државјанин“, се додава во соопштението на португалската морнарица.
Едрилицата која пловела под полско знаме, долга околу 16 метри, била спроведена од Атлантскиот Океан до поморската база Алмадо, јужно од Лисабон, каде што пристигнала вчераутро. Португалските истражители велат дека дрогата била наменета за неколку европски земји.
„Можеме да потврдиме дека во Европа во моментов влегуваат големи количества дрога, особено кокаин и хашиш. Сепак, кокаинот најмногу се доставува во контејнери“, велат од полицијата.
Операцијата „Монако“ е резултат на меѓународната соработка во која се вклучени португалската судска полиција, Националното разузнавање и одделот за истраги на царината (DNRED) и американската Администрација за борба против дрогата (DEA).