Двајцата браќа уапсени оваа недела во регионот на Лион, во рамките на истрагата за мрежата за испраќање на џихадисти во Сирија, „имале за амбиција да умрат како маченици“, се вели од јавното обвинителство од Париз.
Според обвинтелството, „еден припадник од нивното семејство веќе загинал во самоубиствен атентат во Сирија во јуни“, пренесува дописникот на МИА од Париз. Според истрагата, пет лица во текот на денешниов ден ќе се најдат пред истражен судија кој ќе треба официјално да ги обвини.
Прелиминарната истрага, отворена на 15 јули, се концентрира на едно семејство од Во-ан-Велан – предградие на Лион. Тројца членови на семејството во моментов се борат во Сирија во рамките на терористичката организација Даеш (Исламска држава) и другите тројца живееле во регионот на Лион.
Нивното апсење беше одлучено бидејќи се стравувало дека тие се подготвувале да преминат во блиска иднина кон насилнички акти. Според истражните органи, иако не била утврдена специфичната цел на нивниот напад, уапсените се подготвувале да преминат на дело.
Меѓу уапсените има два браќа и една сестра (24 години), од кои едниот од браќата е на возраст од 22 години, додека помладиот од браќата (19 години) бил уапсен со револвер калибар 38. Истото лице веќе било обвинето во рамките на истрагата „Форсане Ализза) во 2012 година – салафистичка радикална група, која беше распуштена. Во неговиот дом истражните органи открија наполнет Калашников, подготвен за употреба и муниција од различни калибри. За истото лице постои сомневање дека се подготвувало да направи насилнички акции, кои имале за цел да го финансираат џихадот во Сирија. Меѓу другите уапсени се наоѓа и лицето кое го снабдило со оружје.
Меѓу уапсените има и една малолетна 13 годишна девојка, која била омажена со еден од браќата, и која во моментов е воспитно згрижена.
Истрагата исто така потврди постоење на канал за пренесување на кандидати за џихад во Сирија и посебно на млади девојки во врска со членови на семејството присутни веќе таму.
При претресите, истражните органи пронашле бројни документи и значителни суми пари, мобилни телефони, информативен материјал. Истовремено е отворена судска информација за „здружување во група со цел да се припрема терористички потфат, финасирање на тероризмот, носење, пренесување, стекнување и држење на оружје и муниција“.
Според француската влада во џихадистичките редови во Сирија и Ирак се вмешани околу 930 резиденти и државјани на Франција, од нив 350 биле веќе таму, од нив 63 жени, 185 во Сирија, 170 се наоѓале во транзит кон овие земји а 232 биле подтготвени да заминат, нивниот број се зголемил за 74% за само осум месеци.