Анонимна група џихадисти во Шведска и нивните приврзаници на Фејсбук изразуваат симпатии и го слават вчерашниот напад на францускиот сатиричен весник „Шарли ебдо“, јави дописникот на МИА од Гетеборг.
– Сега гнасните свињи ќе треба уште еднаш да размислат пред да им текне да го исмејуваат Алах и Неговиот пророк, пишува еден од членовите на споменатата џихадистичка група на Фејсбук.
– Замолете го Алах повеќекратно да ги зголеми таквите атентати и да ги прифати браќата и сестрите кои учествуваат во нив, пишува еден друг член.
Во оваа шведска Фејсбук-група има лица кои војувале на страната на џихадистите во Сирија и Ирак, јави Шведската телевизија СВТ.
Инаку, како последица на крвавиот атентат во Париз, во Шведска се заострени безбедносните мерки околу познатиот карикатурист Ларс Вилкс.
Вилкс во изминатите години беше мета на повеќе планирани атенати откако во шведскиот весник „Нерикес алеханда“ ги објави своите цртежи на пророкот Мухамед со тело на пес.
– Во однос на мојата ситуација гледам дека ќе бидам соочен со вистински застрашувачки сценарија при моите учества во разни настани. Таквиот страв сигурно не ма да биде помал по ова што се случи, вели Ларс Вилкс.