Британскиот адвокат Џефри Најс, кој го водеше обвинението против поранешниот српски претседател, Слободан Милошевиќ, изјави дека на рускиот претседател Владимир Путин оваа година треба да му се суди за воени злосторства во Украина.
Во интервју за радио Би-Би-Си, адвокатот рече дека Путин е виновен за нападите врз цивилите за време на војната и рече дека е изненаден што обвинителите и политичарите не зборуваат поотворено и послободно за тоа. Русија, пак, негира дека извршила воени злосторства.
Тој ги опиша дејствијата на Москва за време на инвазијата како злосторства против човештвото за гаѓање цивили. Злосторствата против човештвото се меѓу најтешките злосторства според таканаречените правила на војна.
„Случајот против Путин не може да биде посилен. Нема сомнение дека синџирот на команда води до главниот човек во Кремљ. Најважно е да се суди самиот руски лидер, а не војниците на пониските позиции. Што се однесува до мене, судењето би можело да биде уште утре наутро. Судењето треба да го водат Украинци на украински јазик. Самиот Путин не мора да биде присутен“, изјави адвокатот.
Тој смета дека имунитетот на Путин од гонење ќе биде дел од мировниот договор. За време на интервјуто, тој го изрази своето мислење зошто Путин досега не се соочил со построги мерки. Тој сугерира дека рускиот претседател би можел да биде изземен од гонење како дел од мировниот договор. Смета дека тоа би било неправедно кон народот на Украина.