Во Авганистан од денеска се отворени неколку државни универзитети, за прв пат откако талибанците ја презедоа власта, а настава можат да посетуваат и студентки, но не во исто време со мажи, соопштија властите.
Студентите денеска можеа да започнат настава на државните универзитети во најмалку три провинции Лагман, Нагархар и Хелманд.
Од септември минатата година, само на приватните универзитети им беше дозволено повторно да се отворат и за жени и за мажи, кои посетуваа настава одделно. Пред талибанците да ја преземат власта во август минатата година, жените и мажите учеа заедно.
– Ова е среќен момент, повторно да одиме на часови, но сепак се плашиме дека талибанците би можеле да ги спречат, изјави студентка по политички науки на Универзитетот Нангархар во Џалалабад.
Во Мехтарлам, пред кампусот на Универзитетот Лахман, утринава биле видени многу малку студентки, јавија светските агенции.
– Сите можат да дојдат, од 8 до 12 часот часовите се резервирани за жени, а од 13 до 16 часот ќе има настава за мажи, рече вработен во универзитетот.
Новинарите на некои странски агенции виделе само шест жени кои носеле бурки или никаб како влегуваат на настава на првиот час во кампусот што го обезбедуваат вооружени талибански борци.
Јавните универзитети денеска повторно се отворени во провинциите Лагман, Нангархар, Хелманд, Нимроз, Фарах и Кандахар, а на 26 февруари ќе бидат повторно отворени во уште 28 провинции, соопштија властите.
Мисијата на ОН во Авганистан оцени дека повторното отворање на универзитетите е нешто многу важно за земјата.
Повторното отворање на јавните универзитети уследи по разговорите на крајот на јануари меѓу талибанците и западните дипломати во Норвешка, првата европска земја што ги прифати талибанците откако тие ја презедоа власта.
Западните земји деблокирањето на меѓународната помош од милијарди долари го условуваат со почитување на човековите права.
Новите власти во Авганистан наведуваат дека се модернизираат во однос на нивното претходно владеење (1996-2001) кога во голема мера ги прекршиле човековите права. Но, тие не чекаа повторно да ги прекршат основните права на жените, воведувајќи строги ограничувања на нивното право на работа, образование и патувања.
Извор: МИА