Иранските власти воведоа ограничувања на Интернетот, вклучително и блокирање на пристапот до апликациите „Instagram“ и „WhatsApp“ поради протестите иницирани во земјата по смртта на млада жена приведена од полицијата задолжена за заштита на моралот.
Според одлуката на властите, од синоќа во Иран пристапот до „Инстаграм“ не е можен, а нарушен е и пристапот до „WhatsApp“. Причината за таквата мерка се „активности против националната безбедност спроведени од контрареволуционерите преку социјалните мрежи“.
Откако платформите како „YouTube“, „Facebook“, „Telegram“, „Twitter“ и „Tiktok“ беа блокирани во Иран последните години, „Instagram“ и „WhatsApp“ беа најкористените апликации.
Исламската Република го ограничува пристапот до Интернет така што без употреба на заобиколувања преку виртуелни приватни мрежи (VPN), поголемиот дел од странските страници не се достапни.
Поврзувањето беше блокирано од почетокот на протестите што почнаа откако властите на 16 септември соопштија за смртта на Махса Амини, која беше уапсена поради „носење несоодветна облека“ од страна на иранската полиција за морал што спроведува кодекс на облекување за жените во земјата.
Од почетокот на протестите загинаа вкупно 11 лица, од кои четворица припадници на безбедносните сили. Вчера во Табриз, Газвин и Машхад беа убиени членови на паравоената организација „мобилизирани да се соочат со немирите“, а во вторникот во градот Шираз беше убиен и припадник на безбедносните сили.
Седум демонстранти беа убиени вчера во Газвин, од кои еден со нож.
Иранските власти негираат вмешаност на безбедносните сили за смртта на демонстрантите.
Иранската државна телевизија подоцна соопшти дека бројот на загинатите во протестите достигнал 17 лица.
Извор: МИА