Како дел од своите задачи за надзор и заштита на воздушниот простор, хрватски борбен авион „Рафал“ денеска пресретна малтешки патнички авион од типот „Боинг“ над подрачјето на Кореница, соопшти Министерството за одбрана.
Ова е прва официјална операција за пресретнување и идентификација во реални услови (во рамките на системот на НАТО за надзор и заштита на воздушниот простор) изведена од хрватски авиони „Рафал“.
Пилотот визуелно го идентификуваше авионот, воспостави радио-врска, изврши борбена патрола во воздухот на потегот меѓу Риека и Делнице и го испрати малтешкиот авион надвор од хрватскиот воздушен простор. Цивилниот авион влезе во словенечкиот воздушен простор во 11:20 часот, наведе Министерството за одбрана.
Воздушната операција беше покрената по наредба од Здружениот центар за воздушни операции во Торехон (CAOC Torrejón) авионот „Рафал“ да полета во мисија за пресретнување, со задача визуелно да го идентификува малтешкиот авион.
Малтешкиот патнички авион летал на релација Грција – Германија, а CAOC Torrejón го означил цивилниот авион како потенцијална закана.
Според информациите од центарот за известување на Командата во Италија, цивилниот авион имал вклучен транспондер на кодот 7500, што укажува на киднапирање.
