Прво главната вест: Арапите остануваат тука каде што се, дури и ако продолжи растот на нашите ултра националистички политичари.
Тие ќе бидат тука дури и ако Авигдор Либерман стане претседател и премиер; ако Нафтали Бенет стане министер за надворешни работи и одбрана; ако Јарив Левин стане министер за правда, ако Итамар Бен-Гвир стане министер на внатрешни работи и јавна безбедност, ако Мири Регев стане министер за култура; и ако Сенка – реперот Џоан Елиаси стане министер за стратешки дејности.
Дури и ако се случи сето ова, Арапите и понатаму ќе бидат тука каде што се.
Арапите од 1984 година ќе останат тука каде што се, како и тие од 1967. Арапите во Израел, на Западниот брег, Газа и во целиот регион – сите тие ќе останат тука каде што се. Тие се тука засекогаш. Тоа е нивен сумуд, нивна постојаност.
Бидејќи сонот за две држави умре, за што придонесоа претходно наброените ликови, Израел мора да размисли за тоа, што сега. Тие ултра-националисти, т.е. љубители на Арапите, тие кои прават се што можат да овозможат воспоставување на една голема држава која ќе ги вклучува Арапите – тие треба да бидат загрижени од оваа шокантна вест.
Тие треба да предводат обиди да се подобрат односите со Арапите за да бидат прифатени во регионот. Тие, кои не сакаа две држави и најверојатно ќе добијат само една, мора да сватат дека таа држава ќе биде како Југославија, или дури како Сомалија, ако брзо не направат нешто, за да можат тие несаканите соседи, тие постојаните, да ги прифатат.
Тие треба да се борат за заштита на јазикот, секако арапскиот. Тие треба да придонесат за наследството, на Накбе, секако. Со сите можни средства, тие треба да се борат против дискриминација на израелските Арапи и против нивното раселување од окупираните територии.
Откако ќе сфатат дека Арапите нема да исчезнат, треба да размислат за заедничка иднина, зарем не?
Откако ќе стане јасно дека ќе живееме во заеднички дом каков што го сакавте, драги анектори, треба да размислиме за заедничка иднина. Ќе ни треба куќен совет и благајник, ќе мораме наизменично да ги чистиме скалите.
Тоа и го сакавте, зарем не? Една петтина жители на оваа земја, остануваат, не можете да ги бутнете во ќоше повеќе од тоа што веќе го направивте. Ако сакате уште два или три милиони од Западниот брег, ве молам да се однесувате како што треба. Тоа го сакавте, тоа и го добивте, па тоа и земете го. Почнете сериозно да го сваќате сопствениот план.
Ова секако се пусти желби. Ултра националистите се уште веруваат дека ако се повеќе го загорчуваат животот на Палестинците, притоа злоставувајќи ги граѓаните на Израел и тие под окупацијата, ако не ги претепаат и понижуваат, убиваат и апсат, можеби ќе се случи чудо и тие ќе исчезнат.
Секако работите ќе излезат на добро, можеби доброволно или недоброволно преселување, можеби етничко чистење, Армагедон, било што. Било кое чудо ќе заврши работа. Но, никакво чудо нема да се случи.
Па тогаш што треба да се прави, драги десничари? Што на вас ви поминува низ глава, кога ќе кажете дека се е наше, дека Хеброн е наш засекогаш и дека Назарет е еврејски град? Апархејд? Тоа нема да функционира. Преселби?
Светот тоа нема да го дозволи. Дали мислите дека Арапите ќе се предадат, дека ќе прифатат да бидат граѓани од шести ред засекогаш, или граѓани од Западниот брег без никакви права? Тоа би било историски преседан.
Што би се случило кога десничарите би ги смениле своите навики и барем еднаш би размислувале неколку години нанапред? Каква држава сакаат? Каков вид на односи? Кои се нивните планови? Што се нивните заклучоци?
Не морате да се расправате со нив, само поставете им едноставно прашање: Што ќе биде тука? На пример, сите да го прифатиме нивниот став, воодушевено да ја усвоиме нивната визија и се да стане достапно само на Евреите, како што тие сакаат. Што ќе се случи? Што ќе биде со Арапите?
Всушност, десницата не размислува за вакви тривијалности. Длабоко во своето срце, таа се уште верува дека сите проблеми ќе исчезнат. Во меѓувреме, колумнистот на Хааретз, Рогел Алфер си заминува, но Мухамед останува. Тој ќе биде тука долго, откако ние ќе исчезнеме.
Хаерец – Ерусалим