Велика Британија има тајна база на Блискиот Исток за надзор, следење и обработка на големи количини електронска пошта, телефонски повици и веб сообраќај во интерес на западните разузнавачки служби, објави весникот „Индипендент“, повикувајќи се на документи добиени од поранешниот соработник на американските тајни служби Едвард Сноуден.
Весникот наведува дека нема да ја открие државата во која е лоцирана базата, но нагласува дека поседува техника што и овозможува следење на информациите од подводните фибер-оптички кабли, кои минуваат низ регионот.
Податоците се обработуваат и предаваат на британскиот Центар за владини комуникации, по што се доставуваат и на Агенцијата за национална безбедност на САД.
Според британската Влада тоа е многу важен елемент за војната против тероризмот и обезбедува систем за рано предупредување за потенцијални напади низ целиот свет.