Договорена е размена на заробеници, но не и датум за средба на Контакт групата за Украина

Од:

Во текот на денешната видео-конференција за Украина, договорена е размена на заробеници, но не е утврден датумот на состанокот на Контакт групата, иако германскиот министер за надворешни работи Франк Валтер Штајнмаер побара состанокот да се оддржи на 21 декември во Минск.

– Постигнат е договор за размена на заробеници според принципот „сите за сите“, но не се прецизирани механизмите на размената, изјави претставникот на проруските сили во Луганск, Владислав Деинего.

За тоа дека не е постигнат договор за датумот на состанокот на Контакт групата медиумите ги извести претставникот на самопрогласената „Доњецка Народна Република“, Денис Пушилин, пренесува ТАСС.

Пушилин очекува состанокот, сепак, да се одржи до крајот на годината.

Шефот на германската дипломатија Штајнмаер претходно денеска изјави дека побарал состанокот да се одржи преку видео-конференција. „Можно е тоа да се случи уште в недела. Има многу предуслови за тоа“.

Украинскиот претседател Петро Порошенко во пресрет на денешната скајп-конференција апелира Контакт група да се состане што е можно поскоро и предложи тоа да биде на 21 декември.

Двете завојувани страни на истокот од Украина на 5 септември во Минск се согласија за прекин на огнот и за размена на заробеници во текот на преговорите, во кои посредуваше ОБСЕ.

Тогаш беше усвоен Протоколот што предвидува забрана за употреба на тешко вооружување. Септемврискиот договорен прекин на огнот, меѓутоа, постојано го прекршуваат двете судрени страни, но ракетните напади се значително намалени од почетокот на декември.

Ваквата ситуација даде надеж дека може да дојде до деескалација на конфликтот, во кој од април се убиени повеќе од 4.700 лица.

Портпаролот на украинската армија, Андреј Лисјенко, рано денеска изјави дека во изминатите 24 часа во нападите на проруските сили убиени се пет украински војници, а седуммина се ранети. Тоа, според оценката на украинската војска, е поголем број настрадани отколку во целата измината недела.

– Засега се користени само пушки, не се употребени тенкови или артилерија. Не можеме да кажеме дека е дојдено до ескалација на ситуацијата, рече портпаролот Лисијенко.

Би можело да ве интересира

Загина познатиот украински кревач на тегови Александар Пелешенко

Руски наредник уби командант и пет војници

Алејник: Украина се обидува да пренесе оружје на територијата на Белорусија за напад

Во напад на украински дронови тешко повредени се шест лица

Украина треба да плаќа 500 милиони долари годишно само за камата

Русија: Украинците подготвуваат напад на мостот на Крим, Западот им помага, а одмаздата ќе биде погубна

А1он