Рускиот олигарх Олег Дерипаска војната во Украина ја нарече лудило и повика на безусловен прекин на огнот. Милијардерот даде изненадувачка изјава за деловниот портал „Никеи“ на маргините на состанокот на Советодавниот деловен совет на Азиско-пацифичката економска соработка (АПЕК), каде што официјално ја претставуваше Русија. Дерипаска ги критикуваше трошоците за одбрана на Русија и повика на итен и безусловен прекин на огнот во Украина.
– Прво треба да го запрете огнот ако сакате да ја запрете војната – рекол милијардерот.
Коментарите на моќниот олигарх, според Ројтерс, претставуваат најостра критика на војната од кој било бизнисмен се уште во Русија по почетокот на конфликтот во Украина во 2022 година. Дерипаска веднаш се најде на удар на приврзаниците на војната.
– Ставот на Дерипаска за специјалната воена операција и претходно беше двосмислен. Сега тој јасно го кажа својот став. Дерипаска е од другата страна. Тоа е убод во грбот на нашите сили и помош на терористите на украинската армија кои го нападнаа регионот Курск – напиша на својот Telegram канал филозофот Александар Дугин, кој според многумина е еден од клучните идеолози на војната.