Демонстрантите во Мјанмар, револтирани од минатонеделниот воен удар, и денеска ги продолжија масовните протести низ целата земја, и покрај блокадите на патиштата и забраната за масовни собирања.
Револтираните граѓани скандираа пароли против воената хунта и се спротивставија на полицијата, која користеше водени топови и ги растури нивните протестни собири.
Британските медиуми пренесуваат дека по воениот удар од 1 февруари и приведувањето на најпопуларната политичка лидерка во земјата, премиерката Аунг Сан Су Чи, граѓаните четири дена по ред протестираа низ оваа јужноазиска земја со околу 53 милиони жители, а бранот граѓанска непослушност се прошири во болниците, образовните институции и меѓу владини претставници.
Демонстрантите одбиваат да се повлечат и да се разотидат иако полицијата во главниот град Најпиди во изминатите два дена користеше водени топови против нив.
Слична е ситуацијата и во Баго и Јангон, а според демонстрантите, војската затворила мостови и ги вратила спомените од половината век воена диктатура што заврши во 2015 година.
Ветувањата на лидерот на воената хунта, Мин Аунг Хленг, дека евентуално ќе дозволи нови избори, предизвика презир кај демонстрантите бидејќи ги повтори неоснованите обвинувања за наместени избори, на кои минатиот ноември победи партијата на Демократската лига, на Аунг Сан Су Чи.
-Ние ќе ја продолжиме нашата борба, рече активистот Маунг Саунгка, ветувајќи целосен колапс на диктатурата и повикајќи го военото раководство да ги ослободи сите политички затвореници.