Иранската нуклеарна централа во Бушер, која е изградена од руски експерти, е затворена поради дефект на главниот реактор, чие отстранување е во тек, изјави денеска иранскиот амбасадор во Москва, Махмуд Реза Саџади.
– Техничкиот проблем е поврзан со функционирање на генераторот. Нашите експерти, во соработка со руските колеги, настојуваат да ги отстранат последиците од инцидентот, истакна Саџади, не прецизирајќи од каква природа е дефектот, ниту дали тој е причина за затворање на нуклеарката.
Тој додаде дека овој проблем не е поврзан со земјотресот кој се случи во април во Иран. Нуклеарната централа се наоѓа 950 километри западно од Каша, град во близина на епицентарот на потресот, чиј интензитет беше 7,5 степени според Рихтер.
– Нуклеарката во Бушер може да издржи уште посилни земјотреси, нагласи иранскиот амбасадор.
Оваа нуклеарна централа и покрај протестите на Израел и САД, започна да произведува струја во 2011 година.