Последните случувања во Париз ги заоструваат мерките во Европска Унија. Во Данска, Белгија, Велика Британија се говори за потесна безбедносна соработка со другите земји, за засилување на мерките за прислушување, за следење на интернет-комуникацијата и за создавање база на податоци на сите кои патуваат. Се спомнува и промена на либералниот карактер на Шенген-зоната, што сигурно, доколку се случи, би нè засегнало и нас. Сепак, повеќето од домашните безбедносни експерти сметаат дека ова нема да ја погоди Македонија како држава.
Како што пишуваат дел од европските медиуми, ЕУ е фокусирана околу прашањето за воспоставување база на податоци за лицата кои го користат воздушниот сообраќај во Унијата, познат како ПНР (Passenger name records), кој значи дека личните податоци на милиони граѓани на ЕУ ќе бидат собирани и чувани со години. Шпанија, со подршка на Франција и на Германија, се обидува да издејстува ограничување на патувањата без пасош во Шенген-зоната и повторно воведување лична идентификација за граѓаните при преминувањето на националните граници меѓу земјите-членки.
Експертите не очекуваат преиспитување на визната либерализација или, пак, дека македонските власти ќе го следат примерот на ЕУ да ја заострат законската регулатива.
– Целта на секоја промена на правилата на Шенген-зоната не е насочена кон ограничување на движењето на чесните граѓани, туку кон оние кои се закана за безбедноста на Унијата. За граѓаните на Македонија нема да има никакви последици од ваквите мерки, во однос на процедурите за патување и за движење во земјите од ЕУ – вели Никола Дујовски, професор на Факултетот за безбедност при Универзитетот „Свети Климент Охридски“.
Сепак, експертите по безбедност што ги консултиравме сметаат дека решенијата за кои се дебатира во ЕУ по нападот на „Шарли ебдо“ може делумно да бидат на сметка на ограничувањето на основните човекови слободи и права.
– Овие мерки нема да влијаат на Македонија на генерален план, ниту пак ЕУ би одела во крајности ставајќи ја под знак прашање визната либерализација. Во случајот по нападот на „Шарли ебдо“, станува збор за прашање од друга природа. Самите извршители на терористичкиот напад се француски државјани, не се поврзани со регионот на Западен Балкан. Во случајот, нашиот регион не се јавува како закана – смета Стојан Славески, професор на Европски универзитет во Скопје.
Истовремено, во Данска се реактивира дебатата за посилна соработка со другите земји од Унијата, но за тоа да се случи, потребно е Копенхаген да ги укине клаузулите со кои земјата ужива исклучоци во областа на правдата и на внатрешните работи во ЕУ, слично како и со Велика Британија.
Во Белгија се разговара за засилување на мерките за прислушкување и за можност тие да се прошират и на луѓе за кои има само „пасивен сомнеж“. Но, за ваквата мерка да помине, белгиските власти ќе треба да добијат согласност од мобилните оператори, на кои им должат 75 милиони евра за неплатени прислушувања. Потоа ќе треба да ги убедат граѓанските здруженија и лево-ориентираните партии.
По атентатите во Париз, прашање е како ќе гласа и Европскиот парламент за директивата ПНР, односно за составување единствен европски регистар со лични податоци на патниците во авиопревозот. Оваа директива ќе ја засили и соработката со САД. Групата на Зелените во ЕП силно се спротиставува на оваа мерка засега.
– Систематските податоци на патниците се првиот стадиум во овој масовен надзор. Вториот стадиум е прислушувањето, а третиот е директното навлегување во компјутерите – изјави Ева Жоли, европратеничка од Зелените.
Организациите за одбрана на човековите права и новинарските здруженија веќе побараа од ЕУ-членките и институциите да не ги заоструваат законите по нападите врз „Шарли ебдо“ и да внимаваат на почитување на фундаменталните права и слободи на човекот.
Мета