По речиси речиси 14 години поминати од неговата смрт, Василиј Архипов, рускиот командант ја доби почитта што ја заслужи. Повеќе светски медиуми деновиве ја објавија веста за неговата улога во спречувањето на најголемото зло, улога која досега не беше многу позната.
Неговото НЕ во 1962 година го спаси светот од уште една светска војна, која ќе беше трета по ред, а можеби и фатална за постоењето на човештвото. Но, благодарение на овој човек трагедијата не се случи.
Во екот на Студената војна, кога паранојата царуваше од двете страни на Атлантикот, Москва и Вашигтон, со желба за доминација во светот, подготвуваа тајни оружја за соборување на непријателот.
Кога Америка дознала дека руски нуклеарни боеви глави се наоѓат во Куба, веднаш ја активирала својата војска.
По нивниот потег, реагирал и Советскиот сојуз и командантот Архипов со четири руски подморници, тргнале со полна брзина кон Куба, малата комунистичка република во Карибите, со цел да ги покаже своите заби и (веројатно) да ги заштити своите сојузници.
Само неколку луѓе во подморниците знаеле што пренесуваат, односно дека тоа се бомби „ефикасни“ како тие што беа фрлени на Хирошима и Нагасаки.
„Во тоа време не велевме „нуклеарно торпедо“, туку „специјално оружје“. Нуклеарна бомба не можевме ни да замислиме“, вели Виктор Михајлов кој тогаш бил помлад навигатор во една од подморниците.
Како што Русите се доближувале до Куба, американските хеликоптери, авиони и воени бродови биле на сите страни и ги барале. Само прашање на време било кога ќе ги забележат и кој ќе започне прв.
Советските подморници биле принудени да се нурнат длабоко и да останат таму, на температура од 60 целзиусови степени и со само по една чаша вода на ден. Никој не ни сонувал дека со нив имаат оружје кое со само едно притискање на копчето може да уништи се.
Американците пак, од друга страна, за да биде „глупоста“ поголема, барајќи ги подморниците со боеви глави, лансирале гранати во водата за да ги натераат непријателите да излезат на површина, без да знаат дека ако ги погодат, трагедијата никој нема да може да ја спречи.
Валентин Савитски, капетан на подморницата B59, во која бил и Архипов, сакал да одговори на нападот и наредил употреба на „специјалното оружје“.
Во нормални околности, неговата наредба ќе била извршена и Третата светска војна започната, но во случајот, Савитски бил само еден од подредените на Архипов.
„Василиј Архипов беше искусен војник и мој близок пријател, за семејството да не зборувам. За моето семејство тој беше повеќе од пријател. Остана ладнокрвен и ја контролираше целата ситуација“, раскажа капетанот на другата подморница, Рјурик Кетов.
Иако целата екипа била за, Архипов рекол Не. Тој ги отповикал наредбите на Савитски и наредил предавање, соочувајќи се со целата војска. Веројатно го избрал помалото зло знаејќи што следува доколку не се предадат – крајот на светот во најмала рака.
Во татковината бил пречекан како предавник. Еден адмирал му рекол дека подобро ќе било да потонат, отколку да се предадат. Дури денес, четиринаесет години по неговата смрт, го доби признанието за тоа што го направил некогаш за сите нас.
Но, нели подобро некогаш отколку никогаш.