Активисти на групите кои се залагаат за независност на Каталонија, подготвуваат нов масовен протест низ оваа шпанска провинција во обид за ревитализација на нивната идеја за отцепување од Шпанија.
Според замислата на организаторите на протестот, треба да се создаде „човечки синџир“ во кој би се нашле преку 400.000 луѓе фатени за раце. Овој „синџир“ од Каталонци би се протегал во должина од 400 километри, почнувајќи од шпанско-француската граница и би минувал низ целата територија на Каталонија до јужно од Тарагона.
Трасата на „човечкиот синџир“ ќе се протега по линијата на античката Виа Аугуста, минувајќи низ планини и долини, низ патишта, плажи, полиња и улици, поврзувајќи 86 населени места и локални заедници.
Со создавањето на долгиот „човечки синџир“ учесниците во оваа демонстрација ќе бараат одржување на референдум за независност во 2014 година.
Владата во Мадрид ги отфрла сите планови за незавсна Каталонија, изјаснувајќи се остро против идејата за организирање референдум.