Лидерите на земјите членки на НАТО денеска на самитот во Вилнус се согласија дека иднината на Украина е во Алијансата, но не му врачија покана на Киев, ниту пак прецизираа конкретна временска рамка за приемот што Украина го побара.
НАТО го отстрани и условот Украина да го исполни т.н Акционен план за членство, кој практично ја отстрани една од двете пречки на Киев за членство, пренесува Ројтерс.
„Иднината на Украина е во НАТО. Ќе бидеме во позиција да ја поканиме Украина да се приклучи на Алијансата кога сојузниците ќе се согласат и ќе ги исполнат условите“, се вели во декларацијата што денеска ја договорија лидерите на земјите-членки на Алијансата, истакнувајќи дека евроатлантските интеграции на Киев ги надминале потреба од Акционен план за членство.
– НАТО ќе ја покани Украина да се приклучи на тој воен сојуз кога „членките ќе се договорат и ќе бидат исполнети условите“, изјави денеска генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг.
„Потврдивме дека Украина ќе стане членка на НАТО и се согласивме да го отстраниме условот за акционен план за членство“, рече Столтенберг на прес-конференција, алудирајќи на клучниот чекор за пристапување во Алијансата, пренесува АП.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски претходно денеска изјави дека би било апсурдно доколку на Украина не и биде понудена временска рамка за членство во Алијансата за време на самитот во Вилнус, кој продолжува денеска и утре.