Спроведувањето на европската потерница за апсење треба да се одложи, доколку постои реална опасност за нехумано или понижувачко однесување поради условите за притвор во државата од Европската унија, која ја издава наредбата, оцени денеска Европскиот суд за човекови права.
Доколку постоењето на таква опасност не може да се исклучи во разумен рок, органот одговорен за спроведување на наредбата треба да одлучи дали ќе ја прекине процедурата за екстрадиција.
Судот оваа одлука ја донесе во врска со два случаја, поврзани со граѓани на Романија и Унгарија. Двајцата се наоѓаат во Германија, а локален суд го побарал ставот на Европскиот суд поради преполнетоста на затворите во Романија и Унгарија.
Унгарскиот државјанин е уапсен поради извршување две провалнии кражби. Романскиот државјанин е осуден на затвор од една година и осум месеци поради управување со моторно возило без дозвола. Унгарецот е приведен во Германија, а Романецот е исто така во Германија, но е на слобода.
Европскиот суд за човекови права во 2014 и во 2015 година утврди дека постои пренатрупаност во унгарските и романските затвори и притворски единици.
– Доколку располага со докази дека во државата од ЕУ, која ја издала потерницата за апсење постои опасност од нехумано или понижувачко однесување кон приведените, органот кој е одговорен за спроведување на апсењето треба да ја процени таа опасност пред да одлучи дали да го предаде одреден граѓанин, заклучи денеска Судот.
За да може да процени дали постои таква опасност органот одговорен за спроведување на апсењето треба да побара од органот, кој ја издава потерницата за апсење итно да достави информации за условите за притвор.