Уапсен е осомничен за убиството на четворица кинески државјани, што се случи во неделата на фарма за марихуана во американската држава Оклахома. Локалната полиција извести дека се сомнева дека убиецот е 45-годишниот Ву Чен.
Телата биле пронајдени откако полицијата добила дојава за вонредна заложничка ситуација во близина на градот Хенеси. Според полицијата, вооружениот напаѓач влегол во зграда на имотот додека внатре биле „неколку вработени“.
Тој остана „во таа зграда подолг временски период пред да започнат егзекуциите“, објави истражното биро за државата Оклахома.
Меѓу жртвите има тројца мажи и една жена. Петтата жртва, исто така кинески државјанин, е пренесена во болница со хеликоптер. Семејствата на жртвите сè уште не се известени поради „значајна јазична бариера“, соопшти полицијата.
Осомничениот беше уапсен во вторникот во областа Мајами Бич, користејќи автоматизиран читач на регистарски таблички на автомобилот.
„Не знам дали се во роднинска врска или соработници, но сигурно овие луѓе се познавале“, изјавија за АП од Државното истражно биро на Оклахома.
Медицинскиот канабис е легален во Оклахома, но не е јасно дали фармата била лиценцирана или нелегална. Индустријата за медицинска марихуана порасна во Оклахома откако гласачите таму ја легализираа нејзината употреба во 2018 година.