Подводни мини за кои се верува дека ги поставил Иран се откриени во Ормутскиот теснец во Персискиот Залив, додека администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп го повикува Техеран да дозволи слободен проток на поморски сообраќај, објави CBS News, повикувајќи се на американски претставници.
Според моменталните проценки на американските разузнавачки служби, во тесниот премин има најмалку десетина мини, кои се идентификувани како ирански модели на Махам 3 и Махам 7 – поморски мини кои користат магнетни и акустични сензори за откривање цели.
Друг американски претставник изјави дека бројот на мини може да биде под 12. Веста за мините дојде откако Трамп се откажа од заканите дека може да ја нападне иранската енергетска инфраструктура ако Иран продолжи да го блокира преминот низ Ормутскиот теснец.
Трамп рече дека неговите пратеници Стив Виткоф и Џаред Кушнер започнале разговори со Техеран и изрази надеж дека теснецот наскоро ќе биде повторно отворен за слободен бродски сообраќај.
